Македонскиот режисер Милчо Манчевски е специјален гостин во Рим, на Балканскиот филмски фестивал, кој се отвора со неговиот филм „Врба“. По тој повод, Манчевски даде и интервју за еден од најстарите и најчитани италијански весници, „Кориере дела сера“.
– Никогаш не е многу од мостови на Балканот. На сите ни требаат мостови, бидејќи, бог знае, секаде има многу немирни води. Само глупави или лоши луѓе може да палат мостови, но, како што гледаме, има многу глупави и лоши луѓе. Уметноста, по нејзината природа, обично презема да биде мост помеѓу луѓето и народите. Не сум утопист, но убаво е да се знае дека постојат луѓе што создаваат работи што можат да ви го стоплат срцето – одговара Манчевски на прашањето има ли денес мост, можеби метафоричен, кој го поврзува Балканот.
Тој зборува и за погледот на балканската кинематографија во последните триесет години.
– Би било многу дрско од мене да се обидам да зборувам во име на балканската кинематографија. Повеќе ме интересираат индивидуални филмови и индивидуални уметници отколку географските фиоки – вели Манчевски, кој е многу ценет во Италија, а неговото присуство во Рим е проследено со големо медиумско внимание.
Освен проекцијата на „Врба“, Манчевски ќе има и разговор со публиката на Балканскиот филмски фестивал.