Изложбите на Јајои Кусама, кои требаше да се одржат оваа година во „Гропиус Бау“ во Берлин, Њујоршката ботаничка градина, музејот „Хиршхорн“, во „Градината за скулптури“ во Вашингтон и во „Тејт модерн“ во Лондон, се одложени поради пандемијата, но едно од најпознатите дела на уметницата, сепак, ќе добие изложба во САД.
„Нарцисус градина“, делото што се состои од огледални сфери наредени на земја, ќе биде поставено во „Моментари“, современиот уметнички сателит на „Кристал Бриџес – Музеј на модерната американска уметност“ во Бентонвил, Арканзас. Тоа ќе остане на локацијата, која во моментов е отворена со намален капацитет. Кусама дебитира со „Нарцисус градина“ во 1966 година, на Венециското биенале со неофицијална изложба со која го освои пазарот на уметноста. На настанот, уметницата стоеше покрај нејзините уметнички дела и до знакот на кој пишуваше „Твојот нарцизам за продажба“, продавајќи им ги сјајните сфери на посетителите за по два долара.

На првичното претставување на „Нарцисус градина“ беа прикажани 1.500 сфери, а новата изложба ќе вклучува 900.
Инсталацијата оттогаш е прикажана повеќе од 40 пати низ целиот свет, на места како што се галеријата „Хејвард“ во Лондон, галеријата за ликовна уметност „Белагио“ во Лас Вегас, „Централ парк“ во Њујорк, градините „Тилери“ во Париз, „МоКА Вестпорт“ во Конектикат, „Луизијанскиот музеј на модерната уметност“ во Данска, „Уметничката галерија на Онтарио“ во Торонто, Ботаничката градина во Атланта во Џорџија и во уште голем број други институции.