Центарот ќе има цел надминување на разликите, помирување и доближување на младите од Балканот (особено од Црна Гора, Косово, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Србија) во духот на европските вредности

Формиран е креативен центар за европска интеграција на младите од Западен Балкан, „Млада Европа на Балканот“, чиј носител е универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА Скопје – Париз – Есен – Ротердам. Центарот ќе има цел надминување на разликите, помирување и доближување на младите од Балканот (особено од Црна Гора, Косово, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Србија) во духот на европските вредности. Проектот ќе ги поврзува младите културни творци од областа на театарот, музиката, ликовните уметности, драмската уметност, новите дигитални медиуми во знакот на реченицата на Жан Моне: „Да се гради Европа значи да се гради мир“.
Во таа насока универзитетот ЕФТА ја објави книгата „Европа наш заеднички дом“, со предговор на амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, која може да биде патоказ за младите генерации.

Активностите ќе се одвиваат низ театарски, филмски, музички и други работилници, симпозиуми, реализација на театарски претстави, филмски проекции на кратки играни, документарни и анимирани филмови, фотографија во соработка со: Нов бугарски универзитет од Софија, Бугарија, Академија за уметности од Приштина, Косово, Академија за театар и филм од Сараево, Босна и Херцеговина, Националната академија за театар и филм од Букурешт, Романија, Академија Нова од Белград, Србија, Факултет за драмски уметности од Цетиње, Црна Гора, Филмска академија од Тирана, Албанија и Фестивал за модерен театар од Грција.

По свеченото отворање на настанот од ректорот на универзитетот Јордан Плевнеш и директорот на Македонски железници – Инфраструктура, Ирфан Хасани, се обратија Лидија Димова, директорка на Националната агенцијата за европски образовни програми и мобилност, Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Емануел Римбер, директорот на Францускиот институт во Скопје, Емануел Римбер. Потоа следуваше проекција на спотови на ЕФТА.

Беа претставени книгата „Европа нашиот заеднички дом“ на Андреј Серафимовски и на Ива Милчева, спот и презентација на интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, изведба на монолог од претставата „Женска утопија“ на Димитрина Мицкоска, добитничка на наградата „Млада Европа“ на фестивалот „Актерот на Европа“, настап на специјалниот гостин Василиј Лаерти од Тирана, Албанија, добитник на наградата „Актерот на Европа“, а беше претставена и новата катедра за филм и дигитални уметности на ЕФТА.

Потоа следуваше претставување на актерот Мето Јовановски, добитник на наградата „Златен платан“ во Требиње, БиХ и на режисерот Дејан Пројковски, добитник на наградата „Јудита“ за најдобра претстава на 64-то „Сплитско лето“.