Музиката е највозвишена уметност, чија експресивност и универзален јазик го возвишуваа креативниот дух на Вечерта на италијанско-македонската музика, каде што се испреплетоа две национални култури со своите специфични карактеристики. Настапи камерниот оркестар „Скопски солисти“, со големите европски концертни уметници на обоата, маестро Алберто Чесарачио од Италија и Васил Атанасов, кои крстосуваат низ светот настапувајќи на престижни концертни сцени. Публиката во фоајето на МОБ доживеа прекрасни моменти низ музиката што сугестивно се одгласуваше од делата на италијанските автори, чии имиња одамна ги забележа светската историја на музиката, а со внимание ги проследивме и делата на македонските композитори.

Програмата почна со Кончерто гросо, едно од 12-те истоимени дела на Арканџело Корели, кој ја претпочита оваа инструментална форма како интересно вкрстување на ренесансните преливи со концертните постапки на барокната музика. Се одгласи атрактивно со вкус на духот на времето со елеганција и звуковна маестрална префинетост, а аплаузите упатени до „Скопските солисти“ беа спонтани. Речиси секогаш Кончерто гросата со возбудливата мелоритмичка привлечност и виртуозното музицирање доживуваат голем успех на концертните подиуми, освежувајќи го репертоарот.

Следуваше уште една прекрасна песна, Интермецото од „Кавалерија рустикана“, најмаркантната тема од оваа веристичка опера на Пјетро Маскањи, донесена со силна романтична поетика, што претставуваше чин на возвишен креативен артизам. Таа флуидна имагинација, креативен блесок и беспрекорно чувство за фразирање, што ги осветлуваше сите валери на креативната душа на елитните мајстори на обоата, Алберто Чесарачио и Васил Атанасов, дојде до израз и во маестралната проекција на Концертот за 2 обои и оркестар од Томазо Албинони, покрај Вивалди, најзначајниот претставник на доцниот барокен венецијански стил. Тоа беше прекрасен пример на солистичка креација со силни емотивни бранувања, спонтана креативна енергија и рафиниран сензибилитет.

Во вториот дел од вечерта, „Скопските солисти“ нѐ потсетија на три постари дела од тројца еминентни македонски композитори со различни стилски определби. По триставочната безимена композиција на Миле Николовски, вниманието го привлече Суитата за гудачки оркестар од Стојан Стојков, интересно конципирана, каде што во првиот став, во Ларгото, мајсторски е користена фолклорната инспирација. Најубаво се одгласи „Тешкото“, фрагмент од првиот наш балет „Македонска повест“ од Григор Смокварски, кој целосно се темели врз фолклорна инспирација. Прозвучи со сета креативна убавина, со исконскиот македонски фолклорен идиом со кој авторот е задоен и кој најавтентично го отсликува македонското геоетничко поднебје. Уводниот мотив прозвучи со восхитувачка убавина со импресивното солирање на големите европски мајстори на обоата, чиј идиличен звук доминираше, па со ударите на огромниот тапан прерасна во атрактивна кулминативна песна.

Со егзактноста во стилскиот израз, звуковната хомогеност и интонативно-техничката прецизност, оркестарот „Скопски солисти“, за кој ревносно се грижеше диригентката Бисера Чадловска, целосно ја реализира креативната визија, со сите доблести на издржана интерпретација во доменот на камерното музицирање.

Костадин Костадиновски, музиколог