Големиот словенечки кларинетист со меѓународно реноме, Дарко Брлек, синоќа настапи на „Охридско лето“ одржувајќи концерт заедно со гудачкиот квартет „Дисонанс“ од Словенија.

На концертниот подиум во црквата „Света Софија“, освен солистот Брлек, настапија првата виолина Јанез Подлесек, Матјаж Поровне-втора виолина, Оливер Диздаревиќ на виола и виолончелистот Клемен Хвала. На репертоарот беа дела од Мариј Когој, Дмитриј Шостакович и Волфганг Амадеус Моцарт. Познатиот Брлек изведе композиција на Моцарт.

– Синоќа настапив со гудачкиот квартет „Дисонанс“ изведувајќи го моцартовиот Квартет за кларинет и гудачки квартет. Сметам дека вториот став е еден од најдобрите во музичката историја – вели кларинетистот Брлек.

Инаку тој не учествува првпат на „Охридско лето“, но како што вели, многу добро се сеќава на неговиот прв настап во црквата „Света Софија“.

– Мислам дека по 10-ти пат сум на фестивалот „Охридско лето“. Првпат настапив во 1986 година со Камерниот оркестар „Урош Лајовиќ“. Оттогаш поминаа 33 години, но јас многу добро се сеќавам на првиот настап. Го свиревме Моцарт и други композиции. Дојдовме со чартер лет попладнето и се вративме назад веднаш по концертот – се присетува Брлек.

Годинава, словенечкиот уметник на „Охридско лето“ доаѓа заедно со музичкиот состав за гудачки инструменти „Дисонанс“ за кој вели дека е исклучително добар квартет и составен од врвни музичари.

– Со нив свирев во Трст и во Словенија. Тоа се концерт –мајстори во Словенечката филхармонија,а тука е и директорот на Филхармонијата, Клемен Хвала. Во Словенија има уште еден одличен гудачки квартет, „Тарантини“. Тоа е добра традиција на камерното музицирање. Тие се всушност јадрото на камерниот оркестар на Словенечката филхармонија со кој сум свирел јас, но и многу други големи ѕвезди како што се виолинистките Ванеса Меј и Сара Чанг – појаснува Дарко Брлек.

Иако по професија е кларинетист, тој е и директор на интернационалниот Љубљанскиот фестивал, но успева да ги синхронизира музицирањето и културното менаџирање. Во насока на проширување на соработката со институциите од областа на културата и надвор до границите на матичната земја, Дарко Брлек во октомври минатата година оствари и работна средба со директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

– „Охридско лето“ е многу важен фестивал, не само за Охрид, туку и за целиот регион и Европа, и треба да ја има поддршката од сите страни. Сигурно ќе имаме заеднички копродукции, но би било убаво, овде повторно да дојде Камерниот оркестар на Словенечката филхармонија, а можеби и сите членови на Филхармонијата доколку се обезбедат средства за тоа, зашто сепак се работи за состав од сто члена – додава Брлек.

За Дарко Брлек културниот менаџмент е повеќе од професија, но тој истовремено активно се занимава и со неговата прва љубов-кларинетот настапувајќи во Словенија и на меѓународните концертни подиуми.