Во чест на филмот „Втора шанса“ на режисерката Марија Џиџева, што го отвори 22-то издание на „Скопје филм фестивал“ во Младинскиот културен центар се одржа прес-конференција на која присуствуваше дел од екипата: режисерката Марија Џиџева, актерите Мирјана Карановиќ (Анѓелина), Даниела Иваноска (Елеонора), Наталија Теодосиева (Сара) и Јорданчо Чеврески (Петре), продуцентот Светозар Ристовски и копродуцентката Николина Вучетиќ-Зечевиќ, кои ги споделија своите искуства од снимањето на филмот. Режисерката Циџева сподели дека на снимањето на филмот се работело подолго време.

– Тоа е една приказна, која е секојдневна и современа, иако во филмот е ставена во една историска рамка, но добро функционира и денес, затоа што се обидовме да направиме приказна за нас, посебно за женските карактери и темите на овие женски светови – вели Џиџева.

Продуцентот Светозар Ристовски истакна дека она што го испровоцирало да се нафати на овој проект е фактот дека станува збор за одлична, минималистичка приказна, зрела тема и интересниот факт дека станува збор за женски филм, со женски ликови и женски приказни, кој на овие простори, со исклучок на Теона Митевска, е вистинска реткост. Актерката Мирјана Карановиќ, пак, истакна дека овој филм гравитира околу три рамноправни женски ликови што живеат во иста зграда, на различни катови, ликови што немаат контакт помеѓу себе, освен средба во лифт и болница.

– Овие жени имаат свои животни приказни, сите три жени се фокусираат на она прашање: што сега, како понатаму, што да се прави – вели таа.

Карановиќ зборуваше и за својата улога и судбината на ликот што го толкува во филмот. Актерките Наталија Теодосиева и Даниела Иваноска говореа за своите улоги ставајќи го акцентот на женската приказна и женската психоза, која владее во филмот во периодот за време на конфликтот во Македонија во 2001 година, начинот на кој секој од овие женски ликови на индивидуален начин се бори да го преживее денот и се занимаваат со прашањето: постои ли втора шанса. Јорданчо Чевревски, пак, сподели дека е возбуден од самиот факт што речиси сите од екипата со која работи, освен актерката Карановиќ, се негови студенти. Играниот филм „Втора шанса“ е снимен според сценарио на Огнен Георгиевски, а во продукција на „Смал мувис филм“ и „Биберче продукција“ и претставува копродукција помеѓу Македонија и Србија. Главните улоги ги толкуваат актерите: Мирјана Карановиќ, Даниела Иваноска, Наталија Теодосиева, Јорданчо Чевревски, Дениз Абдула, Златко Митрески, додека, пак, директор на фотографија е Дејан Димески.

[email protected]