Фестивалот годинава се одвива под слоганот „Бучава и бес“, а на отворањето на 12 фестивалски локации ќе учествуваат околу 1.500 уметници од 41 земја од светот. Во рамките на зададената тема македонските уметници Маја Стефановска и Ален Реџепагиќ учествуваат со проектот „Имагинарни знамиња“, кој има мултимедијален израз и е составен од инсталација од 12 принта и перформанс

Македонските уметници Маја Стефановска и Ален Реџепагиќ се поканети да учествуваат на интернационалниот фестивал „Сараевска зима“, кој и оваа година ќе ги освои улиците, плоштадите, галериите и амбиенталните целини на градот, нудејќи богата програма, која ќе почне на 7 февруари и ќе трае до 21 март. Само на првиот ден од фестивалот, кој се одвива под слоганот „Бучава и бес“, на 12 фестивалски локации ќе учествуваат околу 1.500 уметници од 41 земја од светот. Директорот на фестивалот Ибрахим Спахиќ деновиве најави дека темата е актуелна во целиот свет. во кој на сите страни се формирани нови граници, нови пречки за меѓучовечката комуникација, но наедно и дека фестивалот е тој што ја носи традицијата на отвореност и слобода.

Во рамките на зададената тема, Стефановска и Реџепагиќ учествуваат со проектот „Имагинарни знамиња“, кој има мултимедијален израз и е составен од инсталација од 12 принта, со димензии 80×160, и перформанс. Принтовите претставуваат имагинарни знамиња (амблеми), без конкретни симболи на каква било припадност (национална, верска, политичка, расна, родова…), така што мотивите не упатуваат, ниту пак асоцираат на одредена заедница или идентитет. Тие единствено ги претставуваат вистинските и трајни човекови вредности како емпатија, љубов, култура, животни ресурси…, односно симболизираат благосостојба и се репрезент на она што е суштинско во битисувањето наспроти формализацијата од каков било вид.

– Според последниот попис на населението, во светот постојат 258 држави, а секоја од нив има свое знаме што ја симболизира конкретната земја. Кога размислуваме за текот на настанокот на знамето на некоја држава, обично се зема предвид историјата на таа земја и како таа се менувала и надградувала. Најголемиот број знамиња се во облик на правоаголник, иако има и такви со квадратен или триаголен облик, а мотивите и боите исто така се разликуваат, главно тоа се различни ленти, геометриски форми, крстови, ѕвезди, животни и сл., но нивната комбинација е секогаш уникатна – стои во текстот од каталогот.

Според Стефановска, принтовите што се дел од проектот „Имагинарни знамиња“ на секој начин се обидуваат да избегаат од какво било идентификување со одреден идентитет, но, од друга страна, задржуваат одредени карактеристики на постојните знамиња (како правоаголна форма, мотиви што веќе се користени…) за да укажат на неможноста да се опстои без некакво општествено устројство.

– Перформансот, пак, ќе претставува наизменично уништување и обновување на изложените знамиња во просторот на галеријата. Прво, поставување на знамињата на своевиден јарбол, а потоа буквално уништување со кинење на материјалот, како последица на деструкција, гнев, револт, фрустрација, немоќ. Истрајноста на човековите вредности, пак, е прикажана со повторно поставување нови знамиња – вели Реџепагиќ.

Македонските уметници ќе го претстават проектот „Имагинарни знамиња“ во галеријата „Препород“ во Сараево, од 19 до 26 февруари. Стефановска (1972 г.) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1996 година, работи како професорка по ликовна уметност во средно училиште. Имала повеќе самостојни изложби и учествувала на повеќе групни претставувања надвор од земјава. Реџепагиќ (1973 г.) дипломирал на ФЛУ, отсек скулптура, во 2006 година. Реализирал голем број изложби во Македонија и во странство, а добитник е и на наградата „Јордан Грабул“ на ДЛУМ во 2010 година.

Инаку, почесен гостин на „Сараевска зима“ годинава е Унгарија, а на церемонијата на отворањето во Народниот театар ќе настапи Унгарскиот државен танцов ансамбл. Унгарските уметници ќе учествуваат под мотото „Унгарската култура на дофат на рака“.

Една од најзначајните изложби ќе биде претставувањето на 77 оригинални графички листови на четири мапи: „Сараево 92“, „Сараево 93“, „Сараево 94“ и „Сараево 95“, со потпис на босански графичари, кои првпат во целост ќе бидат претставени пред јавноста во галеријата „Колегиум артистикум“. Станува збор за изложба на мапи што поединечно се изложувани во 25 галерии и музеи во Европа и во светот.

Сараевскиот зимски фестивал, кој годинава го има своето 35-то издание и опфаќа театарски претстави, концерти, филмови, ликовни изложби, панел-дискусии, книжевни вечери, архитектура, видео и програми за претставување на културното наследство, е под покровителство на УНЕСКО.