Среде студот во зимата 1887/1888 година, Николај Римски-Корсаков (1844-1908) решил конечно да ја реализира намерата што долго тлеела кај него – да ја заврши одамна започнатата оркестрација на приказните од „1.001 ноќ“. Тогаш настанала неговата топла, сензуална оркестарска свита „Шехерезада“ (праизведена на 3 ноември 1888 година во Петербург, под диригентската палка на композиторот).

„Шехерезада“ е композиција чија монументалност – структурна, хармонска, а особено мелодиска – ја надминува вообичаената замисла за свита, за неа тој термин е прескромен. По својата обемност и структура на ставовите би можела да биде симфонија, по тежината и доминантноста на соло-делниците на концертмајсторот – концерт за виолина и оркестар. Склоноста на Римски-Корсаков кон мелодиска виртуозност особено доаѓа до израз токму тука: од концертмајсторот се бара врвна техника и умешност, солистичко мајсторство и длабок уметнички сензибилитет.

Шехерезада, за да си го продолжи и, конечно, да си го спаси животот, секоја вечер на суровиот Шахријар му раскажувала по една приказна, на крајот биднале илјада и една. Од нив, Римски-Корсаков искористил четири: „Морето и коработ на Синбад“, „Фантастичната приказна на принцот Каландар“, „Принцот и принцезата“ и „Фестивал во Багдад. Море. Кораб што се разбива од стена со бронзен коњаник“ (слободен превод). Лајтмотивот на Шехерезада броди низ целата свита, нежно и суптилно се провлекува низ различните инструменти кај кои прозвучува (но, сепак, најчесто кај соло-виолината), нејзините приказни се приказни на оркестарот и од оркестарот за слушателите. Во „Шехерезада“, Римски-Корсаков го прикажал својот творечки лик, го применил сето свое знаење, целата своја инвенција, широчината на оркестарската палета, длабочината на уметничката мисла. Без зборови, на јазикот што секој го знае и разбира – музиката – Шехерезада нѐ маѓепсува со мирисите на Ориентот.

Лада Шоптрајанова Петровска