Бобан Русески и Јована Зајкова се основачи на танцовото здружение „Икс на квадрат“. Тие неодамна ја промовираа својата танцова претстава „Парадоксот на Диоген“, а периодов се посветени на две нови претстави во улога на кореографи

Ново танцово здружение

„Парадоксот на Диоген“ е танцова претстава работена според истоимената драма на Томе Арсовски и е поставена на музика на Тодор Скаловски. Бобан Русески и Јована Зајкова, инспирирани од актуелноста на содржината на драмата, дури по толкав временски период од нејзиното пишување беа предизвикани со кореографско творештво на веќе напишан текст. Наскоро претставата ќе биде прикажана и во Скопје.
– Во нашата претстава сцената стана судницата што ја одредуваше судбината на Драшко (главниот лик во драмата), а самата публика беше ставена во улога на судија. Во суштина, Диоген шетал по светот барајќи „човек“, а ние се обидовме да пронајдеме таков помеѓу црвените седишта. Музиката на Скаловски, која во себе содржи елементи на македонскиот етнос, во комбинација со современ танц, беше уште еден предизвик со кој ни беше многу драго да се соочиме. За изведбата и сите позитивни коментари што следуваа по неа многу се заслужни и танчарите, кои покрај нас беа дел од оваа претстава, односно Дејан Битровски и Анастасија Данчевска од „Танцовиот театар Скопје“, како и Илина Костовска и Јана Трајковска од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Исто така мора да му се заблагодариме на театарот „Чин 4, Сцена 5“ од Прилеп, кои нѐ поканија во рамките на проектот за 30 години независност на Републиката да ја поставиме оваа претстава – велат Бобан и Јована.

Претставата беше премиерно одиграна во Прилеп, во домот на културата НУЦК „Марко Цепенков“, а потоа и во Крушево, пред споменикот „Македониум“.
– Коментарите од публиката беа навистина многу позитивни и нѐ радува што успеавме да го доближиме современиот танц уште еден чекор поблиску до срцето на луѓето. Посебно задоволство кај публиката предизвика користењето на музиката на Скаловски, како повторно раѓање на музика на истакнат македонски композитор во едно ново издание – вели Русески.
Бобан Русески и Јована Зајкова се основачи на танцовото здружение „Икс на квадрат“. Тие преку танцот, претставите, перформансите обележуваат порака во која велат дека сакаат да растат и да се развиваат како уметници, но пред сѐ како луѓе.
– Танцот е нашата алатка за откривање на светот и изразување на нашите ставови, мисли и емоции. Ние не се срамиме да го кажеме она што го мислиме, да го прикажеме она што го гледаме и притоа да бидеме искрени, истрајни и со отворени срца. „Икс на квадрат“ произлезе како реакција на недостигот од независна танцова сцена во земјата и потребата за нејзино развивање и градење. Ова е нашиот креативен микрокосмос, кој има цел симболично да го претстави макрокосмосот (светот во кој живееме), со сите негови убавини и гадости – истакнува Јована.
Тие се дел и од перформансот „Самовили и демони“, кој премиерно е изведен во Загреб.

– Станува збор за претстава што беше направена во еден здив. Со пејачката Зарина Првасевда се најдовме на иста фреквенција на размислување и творење и имавме силен порив да направиме нешто заедно. Во овој перформанс изворниот ритам и вокалната изведба се среќаваат со современиот танц и раскажуваат древна приказна загубена низ времето, која останала да живее и пулсира во порите на луѓето. Секој чекор и секоја нота ги раскажуваат сказните што патувале од колено на колено и останале до денешен ден – вели Русески.
„Икс на квадрат“ беше дел и од 36. издание на „Макфест“, каде што настапи со Марија Данева, во изведбата на песната „Твоја“, и освои наградата за сценски настап. Периодов работат на две нови претстави, каде што посебно двајцата се појавуваат како кореографи. Јована и Бобан имаат различни почетоци како танцови уметници.
– Се споивме во средното музичко-балетско училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Од тој момент учиме и работиме заедно, па, така, се најдовме на насоката за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што дипломиравме во класата на Рисима Рисимкин. Покрај ова, имавме неверојатна можност да бидеме дел од „Танцовиот театар Скопје“ и да учествуваме во голем број негови продукции, со кои настапивме на сцените низ земјава, како и во странство, како САД, Кина, Холандија… – истакнуваат тие.