Во Музејот на македонската борба, вечерва, со почеток во 19 часот, ќе се одржи свечено отворање на изложбата „Борба и страдање. Полските граѓани за време на Втората светска војна“ во организација на Амбасадата на Република Полска во Скопје и на Музејот на македонската борба.

Изложбата е подготвена од полското министерство за надворешни работи и Музејот на Втората светска војна од Гдањск за одбележување на 80-годишнината од избувнувањето на војната, која започна со нападот на нацистичка Германија на Полска. Овој најголем оружен конфликт во историјата донесе огромни човечки и материјални загуби, а исто така имаше големо влијание врз политичките и територијалните промени во Европа по 1945 година.

Изложбата има цел да ја раскаже историјата на полската борба против тоталитарниот режим, копнежот по слобода и хероизмот да се спасат други, храброста на војниците и обичните луѓе, заедничка борба против непријателот и борбата за слобода на другите земји.

На свеченото отворање ќе присуствува и ќе има обраќање претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски.