Изложбата „Можам да те видам во темнината“ на Елита Алити и Сокол Марковски ќе биде отворена на 4 ноември, во 20 часот, во КИЦ. Изложбата е посветена на слепите лица.

Елита Алити дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во 2018 година, педагошки оддел, во класата на проф. Јован Шумковски. Учествувала на неколку групни изложби во земјава. Сокол Марковски дипломирал на ФЛУ исто така минатата година, кај истиот професор. Учествувал на неколку групни изложби во земјава.

– Со изложбата сакаме да дадеме акцент на луѓето со посебни потреби, т.е. конкретно слепите луѓе. Во таа насока, сакаме да ја промовираме нашата заложба за нивните права и потреби, за нивно интегрирање со општеството. Да ја издигнеме свеста на луѓето за лицата со посебни потреби и нивната улога во самото општество, за да не се чувствуваат дискриминирано од средината во која живеат и опстојуваат – велат авторите.