Тематската изложба „Поеми“ (графики на платно) од Соња Димовска ќе биде отворена денеска во 13 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Преку изложбата Соња Димовска тематски фокусот го става на специфични флорални видови – сукуленти и кактуси – коишто ги одгледува во својот дом и коишто со својот облик и форма се графички исклучително податни за ликовна интерпретација. Иако формите и облиците на растенијата се третирани реалистично, авторката ја избегнала замката на ригорозна ботаничка фактографија.

– Композициски, графиките се крајно симплифицирани и минималистички, сведени на Суштината, согласно источната зен мисла. Белината на платното игра клучна улога и таа е практично носечкиот елемент во приказната, соларна контемплативна белина којашто го трансцедентира Апсолутот – вели ликовниот уметник Атанас Т. Ботев.

Димовска дипломирала на ФЛУ – Скопје на графичкиот оддел, исто магистрирала на овој факултет, член е на ДЛУМ од 2000 година и досега реализирала повеќе од 70 интернационални графички изложби во земјата и странство.

Ка.М.