Вечерва со почеток во 18 часот во Музејот на современата уметност ќе биде отворена изложбата „Подарени дела од Чехословачка“ каде ќе бидат претставени 65 дела (слики, графики, скулптури и цртежи).

Повод за изложбата е 100 годишнината од формирањето на Чехословачка, а куратор е Марика Бочварова-Плавевска.

– Изложбата е предизвик за отворање на можност за анализа на повеќе моменти. Би започнале со оние што логично се врзани за последните децении на минатиот век. Тие ги третираат социополитичките промени во Европа, години што влијаеа врз уметноста и културата генерално.Со неа воедно се одбележуваат и 50 години од Прашката пролет (1968) – велат од Музејот на современата уметност и потсетуваат дека Националната галерија во Прага одвои значаен дел од својата релевантна за да ја дополни нејзината колекција која почна да се формира со донации по скопскиот земјотрес во 1963 година.

Денеска неговата збирка брои 265 дела од 92 автори од Чехословачка.

За отворањето на изложбата е најавено присуство и обраќања на амбасадорите на Чешка и Словачка, Мирослав Томан и Хенрик Маркуш.