Ќе бидат презентирани дваесетина иконописни дела од ризницата на манастирот, како и дела од применетата и графичката уметност од депоата на музејските институции

По повод јубилејот, 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир, во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите, денеска, во 12 часот, ќе биде отворена изложбата „Од уметничката ризница на Бигорскиот манастир“. Предвидено е на свеченото отворање да се обратат акад. Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, и г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски. Ќе бидат презентирани дваесетина иконописни дела од ризницата на манастирот, како и дела од применетата и графичката уметност од депоата на музејските институции.
Автор на изложбата и на каталогот е Сашо Цветковски, научен советник во истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при истата академија.

– Милениумската историја на Бигорскиот манастир придонела манастирската ризница да содржи стотина предмети, икони, икони на платно, плаштаници, хартиени икони, ракописни и старопечатени книги, поменици, литургиски богослужбени предмети и одежди, како и графички бакрорезни плочи. Историските околности влијаеле дел од вредностите и предметите на ризницата да бидат однесени од манастирот во музејските и архивските збирки, како и во конзерваторските депоа, со што многу малку од овие вредни уметнички драгоцености се достапни за истражувачите, историчарите на уметноста и медиевистите, а уште помалку за културната јавност и за љубителите на старата уметност. Големиот и единствен настан – 1.000 години од основањето на манастирот е пригоден повод и можност да се презентира дел од неговата збирка и ризница – вели Цветковски.
Тој посочува дека ќе бидат изложени иконописни дела од 16 и 17 век, дела од применетата уметност, богослужбени црковни одежди фелони од времето на втората половина на 18 век, изработувани во манастирската работилница, единствени зачувани од тоа време во Македонија. Најголем дел од предметите во изложбената поставка датираат од времето на 19 век и големиот подем на манастирот.

Станува збор за дела на Михаил и Димитар (Данил) – зографи, Антониј – монах, Дичо Зограф, Теофил – монах.
Како посебен раритет на изложбата, покрај богослужбените одежди од 18 век, ќе може да се види и двостраната бакрорезна плоча, клише за печатење графичко-хартиени икони, при што на едната страна ја има иконата на Богородица Портаитиса Ивиронска, а на другата, иконата со заедничка претстава на св. Јован Крстител и св. Никола.
Цветковски укажува и дека за значајни се сметаат и најстариот манастирски поменик од 16 век и два ракописа од истиот период, кои се дел од некогашната ракописна збирка. Ракописите ќе бидат претставени со неколку репродукции, како и манастирскиот поменик на дрвена подлога од првата половина на 19 век.