Во Младински културен центар вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба“.

Таа е дел од истражувачкиот проект „Загрозен модернизам“ за препознавање, проучување, вреднување и промоција на архитектонското наследство од периодот на модерната на територијата на Република Македонија.

Целта на проектот е да пронајде и собере историски материјал во форма на проектна документација, цртежи, фотографии итн.; да вреднува избрани примери на архитектонското наследство и да ги утврди главните фактори кои довеле до нивно загрозување.

– Основна цел на овие истражувања беше да се тестира цел спектар на архитектонски стратегии (од прагматични до радикални), насочени кон испитување на потенцијалот на градбите за приспособување и промена, како и изнаоѓање нови содржини и облици преку кои постојните градби истовремено би биле и заштитени и ревитализирани. Пошироката јавна дискусија и интерпретација на добиените резултати е замислена да претставува појдовна точка за разговор за можните иднини на овие вредни архитектонски градби, наведуваат организаторите на изложбата која ќе може да се посети до 24 февруари.

Автори на истражувањето и изложбата се Ана Ивановска Дескова, Горан Мицковски,Елизабета Касапова и Јован Ивановски. Проектот „Загрозен модернизам“ е финасиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,  а изложбата е поддржана и од Младинскиот културен центар.