Изложба на Љубе Алексовски во галеријата „Ко-ра“

Во малиот салон на галеријата „Ко-ра“, во домот на културата „Кочо Рацин“, отворена е изложбата на Љубе Алексовски. Изложбата е насловена „Фотографика алтернативна – бр. 3. Бранување“. На оваа изложба инсталација, која е од ретроспективен карактер, претставени се над сто дела од различни периоди, почнувајќи од 1980-тите години.
– Изложбата, која има колажен и концептуален концепт, одразува разнородни релации помеѓу авторот и неговата перцепција на актуелната стварност во повеќе сфери на нашето егзистирање како единки, нивните контроверзии, парадокси, утопиското, баналното, преку разнородни сегменти што будат љубопитност со својата неочекувана динамика, ритмика, контроверзна трансформација, повеќекратна преобразба и многуслојна метафоричност што ја носат многубројните колажирани елементи, симболи, сегменти од фотореалната и псевдореалната стварност, која граничи со фантазмогоричното, надреалното, со симболизмот, кој повеќе загатнува разнородна доживелица на неговите интерполирани соодноси во перцепцијата на светот, животот и уметноста – истакна Виолета Калиќ по повод отворањето на изложбата.
Љубе Алексовски, по завршувањето на Педагошката академија и Факултетот за ликовна уметност, покрај својот педагошки ангажман како професор, активно е ангажиран во сферата на културата и уметноста како визуелен уметник. Организатор е и учесник на голем број ликовни колонии и автор на голем број мурали во многу објекти од јавен карактер низ Македонија.