Изложба на Јана Јакимовска во Куманово

Во изложбениот салон на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, отворена е изложбата на небесни пејзажи со наслов „Небо“, на ликовната уметница Јана Јакимовска. На изложбата ќе бидат претставени 20 дела во техниката акрил на платно, работени во последните три години.
– Најновиот циклус дела на Јакимовска се пејзажи, кои во класификацијата на пејзажното сликарство може да се окарактеризираат како небесни пејзажи, бидејќи на нив две третини од композициската целост е посветена на небесните предели… Јана Јакимовска со своите дела ни нуди прозорец за бегство од реалноста во која живееме, нè носи во една поубава, посветла, похумана реалност, која во вонредни услови, покрај својата егзалтирачка природа, има и концептуална димензија – да дејствува психотерапевтски на консументот на нејзините дела – вели во текстот за изложбата историчарката на уметност Ана Франговска.
Јана Јакимовска е вонредна професорка на Ликовната академија на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Досега има реализирано 18 самостојни и над 80 групни изложби во земјава и во странство, а во последно време се занимава со мурално сликарство.