Изложба на цртежи на Марија Трпеска во КИЦ

Во културно-информативниот центар во Скопје, во изложбениот салон „Империјал 2“, од 11 до 24 јуни ќе биде отворена изложбата на цртежи насловена „Слободен влез“ на ликовната уметница Марија Трпеска. На изложбата авторката ќе се претстави со седум цртежи, работени во комбинирана техника (јаглен на платно со тул), создадени последнава година, и видеопроекција.

Марија Трпеска е родена во 1989 година во Скопје. Дипломирала во 2017 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот ликовна педагогија, насока сликарство. Нејзин главен ликовен фокус е сликарството, но истражува и со фотографијата и видеоуметноста. Живее и работи во Скопје. Реализирала самостојна изложба во 2018 г. – „Слободен влез во галерија ФЛУ“.

Учествувала во ликовни проекти: во 2017 г. во ликовно-истражувачкиот проект „Темно“, предводен од наставниците на Катедрата за ликовна педагогија на Факултетот за ликовни уметности, во 2016 г. на семинар во Торино, во 2014 г. на ликовната работилница „АБС-ова класна борба во високообразовниот уметнички систем“, предводена од уметничката група АБС (Хрватска). Учествувала на неколку групни изложби во Скопје и во Струмица. Добитничка е на наградата „четирите мајстори на модернизмот“ во 2017 г.