Музејот на современата уметност (МСУ) од вчера до 10 јуни ќе биде домаќин на дел од програмата на Викендот на гордоста Скопје 2018, што го организираат коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ-центарот за поддршка. Програмата ќе почне вечерва од 21 часот во МСУ со изложба на фотографии „Corpus Queer: тела на отпор 1980-2018“ на Дел Лагрејс Волкено.
– Тој е визуелен уметник, кој преку фотографијата настојува да ги наруши и проблематизира општествено-културните бинарности, користејќи ги висцералното задоволство и политичката провокација како примарни стратегии на отпор. Волкено е роден/а како интерсексуална личност, но со женскиот пол назначен од раѓање, во кој е и одгледан/а, по што првите 37 години од својот живот ги поминува како жена. Живее како небинарна и отворено интерсексуална личност од 1995 година – соопшти МСУ.
По завршувањето на студиите на Институтот за уметност во Сан Франциско, Волкено добива магистерска титула по фотографски студии на Универзитетот во Дерби, Велика Британија, во 1992 година. Има создадено пет фотографски монографии. Во рамките на програмата в сабота во 13 часот во МСУ ќе биде прикажан филмот „Жената лубеница“ на Шерил Дунје, како програмска соработка помеѓу МСУ-филм и видеопрограмата на Викендот на гордоста.