Во рамките на богатата програма за празникот  Трифун синоќа во галеријата на Домот
на културата во Кавадарци беше отворена изложба на фотографии на тројца еминенти
современи српски фотографи : Бранислав Бркиќ, Имре Сабо и Мирослав Јеремиќ. За љубителите на фотографијата ова е можност на едно место да се види само мал дел од она што го реализирале овие врвни фотографи.

Бранислав Бркиќ актуелен претседател на Фото сојузот на рбија од 2003 година со фотографија се занимава од 1977 година и досега учествувал на повеќе од стотина групни изложби во Србија и во странство. Наградуван е повеќе од 150 пати, а досега реализирал 34 самостојни изложби на фотпграфија на хартија, освен во Србија, и во Словенија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Романија, Украина и во Кина. Во фотосојузот на Србија има уметничко звање. Мајстор на фотографија ФСС. Член е на  уметничкото здружение УЛУПУДС од 2013 година. Во Меѓународната организација ФИАП има звање МФИАПи ХонЕФИАП. Поседува „Epson Digigraphie“ сертификат за нависок квалитет на изработка на печатени фотографии.

Имре Сабо своите фотографии ги изложува од 1974 година и оттогаш учествувал на повеќе од 200 изложби во Србија и во странство. Од 1980 година професионално се занимава со фотографија како новинарски фотограф, најпрвин во редакцијата на !„Илустрована политика“, а потоа во дневниот весник „Политика“, неделникот „Интервју“ и во „Нин“, до 1995 година, кога одлучува самостојно да се занимава со фотографија, напоредно со ангажирање на уредник на фотографија во повеќе списанија. Фотографиите на Имре Сабо се објавувани во многу значајни светски
магазини („Фокус“, „Шпигел“, „Монд“, „Екпрес“, „Тајм“, „Њузвик“ и други) и во поголем број југословенски весници, монографии и публикации. Член е на УЛУПУДС од 1985 година, а во фотосојузот на Србија е носител на звањето Мајстор на фотографија.

Мирослав Јеремиќ во фотоклубот во Ваљево со години се занимава со едукативна работа. Досега учествувал на многубројни изложби на фотографија и освоил повеќе од десетина награди. Се занимава со студијска и модна фотографија. И тој исто така е носетел на звањето Мајстор на фотографија. Ми.М.