Фото: Зоран Антоски
Во изложбениот салон од Центарот за култура во Кичево, вечерва со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложба на фотографии со работен наслов „Карневали“ на познатиот мајстор за фотографија Дражан Брачиќ.

Самиот наслов на изложбата зборува за лајт мотивот на истата, односно дека на овие фотографии доминираат карневалите низ земјава организирани во Вевчани, Прилеп и Битола во периодот 2012-2018 година.

– Бидејќи карневалите имаат долга традиција и задираат во историјата на човештвото, тие уште од пагански времиња кога се прославувале важни моменти (зимска и пролетна рамнодневница, промена на годишни времиња) па сѐ до критика и сатира кон власта и, на тој начин, карневалитее опстанале до ден денешен.

Авторот има чест неколку негови фотографии од овие карневали да бидат дел и на меѓународната изложба „Словенски карневали“ отворена 2014 година во седиштето на УНЕСКО во Париз, на која учествувавале голем дел земји од Европа. Изложбата претставува само мал извадок од тие настани со кои авторот сака да прикаже дел од атмосферата и разноликоста на идеите и имагинативноста на учесниците – истакаа од Центарот за култура во Кичево.

Инаку Брачиќ досега има учествувано на 70-ина групни и четири самостојни изложби. Над 150 негови фотографии се дел од многу книги, каталози, плакати, а учесник е и на бројни ТВ-емисии на темите фотографија и уметност.