Изложбата на фотографии „Инстант семејства – мултипликација на љубовта“ од
фотографот Роберт Јанкулоски ќе биде отворена вечерва од 20 часот во
ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ќе бидат претставени 15 фотографии со големина 80×100 изработени на архивска, памучна хартија, на кои е пренесено авторовото видување за семејството и љубовта, за начинот на виртуелно живеење во денешно време.

Според Светлана Младенов, Роберт Јанкулоски многу бргу го освојува регионалниот и европскиот културен простор во кој се има афирмирано и издвоено со своите иновативни истражувања во едно проширено поле во уметноста.

– Како мултимедијален уметник својата визура посебно ја има насочено кон фотографијата и многу бројните можности во овој медиум. Низ интелектуалното размислување, со идејата како поттикнувачки импулс и јасен и прецизен концепт го гради својот уметнички дискурс, препознатлив со спојот на историјата и современоста, минатото и сегашноста, меморијалното и актуелното, традиционалното и модерното, интимното и јавното, локалното и глобалното, регионалното и универзалното, емотивното и рационалното… Во концептуалното дело Инстант семејства –
мултипликација на љубовта, Роберт Јанкулоски го истражува актуелниот општествен контекст на Скопје, градот во кој живее и работи, а кој е пример, а воедно и жртва, на
последиците од распадот на заедничката држава (Југославија) и формирањето на малите засебни самостојни заедници. Скопје во визуелна и културолошка смисла по втор пат за педесет години доживеа судбоносна промена….Овој проект е еден од
најконтроверзните на просторот на бивша Југославија, изведени во последните
години. Ги има искористено и манипулативните можности на новите технологии во фотографијата и методот на инсценирање, сместувајќи луѓе (лажни семејства) во туѓ
амбиент. Играта на лажното и вистинското, нивното преплетување, вкрстување и преклопување предизвикуваат збунувачка визија за стварноста во која тешко можат да се раздвојат вистинските и веродостојните факти од манипулативните и измислените,
како и да се спротивставуваат нивните значења – вели Светлана Младенов за проектот.

Роберт Јанкулоски, кој живее и работи во Скопје, дипломирал на ФДУ – Скопје, отсек камера во 1996 година. Магистирал на ЕСРА и основач на Македонскиот центар за фотографија. Реализирал 36 самостојни изложби и учествувал на голем број групни, во земјата и во светот. Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот и носител на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделен од Министерството за култура на Франција. Работи како професор и декан на ФФУ при при универзитетот „Еуропа Прима” во Скопје. Ка.М.