Изложбата „Пред и по Капа: Фотографии со воени теми“ на унгарски фотографи од пред сто години и денес, ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Музејот на Град Скопје.

На изложбата ќе може да се видат фотографии на една од најистакнатите фигури на военото фотографирање од унгарско потекло, Роберт Капа, по чие презиме е именуван и Центарот Капа, односно воени фотографии направени на почетокот на 20. и 21. век.

– На изложбата се истражува колку се променети средствата за овековечување на воените конфликти во изминатите 100 години. Документите од првиот нашироко фотографиран воен настан, Првата светска војна, се прикажани со помош на Архивот на дигитални фотографии Фортепан, а увид во современите оружени конфликти можеме да добиеме преку фотографиите на Иштван Биелик снимени во Сирија, на Шандор Чудаи во Украина, на Вероника Девењи во Авганистан и на Ѓула Шопроњи во Либија – наведуваат органзиаторите.

По првпат во Скопје ќе бидат прикажани фотографии на Дежо Ураи, воен дописник од Првата светска војна, снимени во Македонија. Фотографскиот материјал го откупил еден унгарски колекционер од внукот на Ураи, и фотографиите кои го овековечуваат секојдневието на обичните луѓе ги донирал на архивата Фортепан.

Според кураторот на изложбата, Иштван Вирагволѓи, денешните фоторепортери веќе не се осудени да носат фотоапарати со дрвени подножја и тешки стаклени негативи кои се дел од опремата, на нивните, и без тоа предизвикувачки мисии. Другиот корисник на придобивките од овој технички напредок секако сме ние, корисниците, бидејќи, вели, не може да се негира дека се приближивме кон настани кои порано биле технички невозможни за овековечување, кои, на пример, се случуваат многу брзо или во преголема темница.

– На почетокот на 20. век, речиси секој кој ќе застанел пред леќите на камерата позирал, а и денешниот човек многу свесно се однесува кога го сликаат, но, сепак, чувствуваме голем јаз помеѓу мотивациите за начините на однесувањето. И по тоа може да се препознае дека фотографирањето, на пример, на еден воен заробеник и тогаш служело како доказ за извојуваната победа врз другата страна, со што и фотоапаратот е промовиран во оружје. Значи, веќе и во Првата светска војна биле начисто со моќта на фотографиите, постоела и официјална армиска цензура, но страните не воделе свесна комуникациска битка, ни приближно слична на денешната – пишува Вирагволѓи.

Изложбата се реализира со поддршка на Амбасадата на Унгарија во Скопје и ќе може да се посети до 29 мај.