Во НЛБ галеријата во Скопје вечер ќе биде отворена изложба на уметнички дела од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ 2018 на која ќе може да се види и каталогот насловен „Мозаик од бои“ што оваа колонија го изготвува традиционално пред изложбата во Скопје на македонски и на англиски јазик.

Во него има воведно обраќање на организаторот, како и информации за уметниците и делата кои беа насликани на годинашната колонија.

Ќе бидат изложени дела на уметниците, Ацо Станкоски, Ефтим Ристов, Никола Пијанманов, Ставре Димитров Стадим, Ниче Василев, Станко Георѓиески, Доне Милјаноски, Живко Попоски Цветин, Дамјан Затуроски, Цветанка Јованова и Петар Попчев од Република Македонија, како и уметниците Драгана Кнежевиќ (Србија), Светислав Савковиќ (Србија), Хо Ми Ан (Франција), Герард Гален (Франција), Златка Пентова (Бугарија), Анже Скалжунски (Полска), Јелена Савиќ (Србија), Бојан Савиќ (Србија), Јенс Линдвквист (Шведска), Осијан Теселиус (Шведска), Маркус Јохансон (Шведска), Петар Белишки (Бугарија) и Јуре Самец (Словенија).

Веќе 9-та година, на крајот на јуни, во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. На оваа културно-уметничка манифестација досега учествувале над 300 еминентни ликовни уметници од Република Македонија и од странство. Делата на оваа колонија до сега се изложувани во Подгорица, Софија, Њујорк, Москва и Париз.