Вечерва во 19.30 часот во Музеј –галерија во Кавадарци ќе биде отворена изложба на слики и макети под наслов (НА) КОРЕНИТЕ од Емил Димоски од Прилеп.

Емил Димоски е вистински трагач по корените на старата македонска рурална архитектура кој со голема посветеност од природни материјали гради толку реалистични и автентични макети на мали селски куќи со чардаци. Неговите мали куќарки од камен и плитар носат прекрасни пораки за едно блиско минато на нашите баби и дедовци, приказни за среќни многудетни семејства, за нивниот живот, за нивната борба за егзистенција со обработка на земјата и одгледувањето на добиток, но и приказни за згаснати огништа, напуштени села.Големата љубов и трпение со кое ги изготвува своите експонати Димоски ја потврдува со автентичноста на неговата изработка до ситни детали особено во украсните грниња и лејки во кои создава дводимензионални слики на македонска рурална архитектура.Неговите макети се толку автентични изработени со фотографска прецизност кај секој набљудувач предизвикуваат убави емоции, чувство на припадност на исти корени и можност да се ѕирне под пенџерчето на заборавените спомени.

Емил Димоски уште во 2008 година како учесник во манифестацијата „Допрете ја душата на Македонија“ во Битола го добива признанието „Најдобар ракотворец“. Во оваа насока продолжува да работи и редовно да учествува на Балканската колонија на ракотворци а може да се пофали и со учеството на Културно-уметничкиот фестивал „Бујукмеџе“ во Турција. Првата самостојна изложба ја реализира минатата година во рамките на петтата Балканска колонија на ракотворци во Битола, а вторпат минатиот месец во Неготино.

Емил Димоски во 2004 година дипломирал на ПМФ во Скопје, магистрирал на Економскиот факултет во Прилеп 2010 година на студиската програма „Бизнис, администрација МБА менаџмент“. Уметноста не е негова професионална определба но, голема љубов која трае повеќе од една деценија.