Во Музеј галерија –Кавадарци утре во 12 часот ќе биде отворена етнолошка изложба под наслов „Ракотворбите на жените во Тиквешијата“.

Изложбата содржи педесетина експонати, прекрасни ракотворби делови од женска носија богато извезени, накит, како и разбои и предмети кои се користеле во обработката на волната и памукот.

-Изложбата претставува наш обид да се потсетиме на некои минати денови кога вредните раце на нашите жени, везеле, плетеле и ткаеле со цел да го разубават својот и животот на тие околу себе. Во тие ракотворби вградена е огромна љубов, радост, тага и голем труд како и се она што го сочинува животот. Притоа жените создавале уникатни дела вредни за всхит и почит кои претставуваа посебен белег на времето и сведочат за македонскиот идентитет. На овој начин жените се амбасадори и презентери на нашето традиционално историско минато – вели авторот на изложбата кустос етнолог Томе Крстевски.

Крстевски ја потенцира вредноста на овие предмети кои сега заради современата динамика на живот и бројните обврски на жената во домот и на работа не се произведуваат. Со навраќањето на нив со оваа изложба се враќаат спомените од минатото на нашите баби и мајки кои макотрпно работеле со денови за да ги создадат.

Всушност преку најразличните мотиви и симболите кои ги користеле жените од Тиквешијата овие ракотворби прераскажуваат за животот некогаш, во различни животни циклуси од раѓање, свадба до умирачка што претставува традиција на македонскиот народ во етничкиот предел Тиквеш.

Ми.М.