„Компликејт симпли“ е изложба на плакати од „Скопскиот џез-фестивал“, која ќе биде претставена од 18 до 24 октомври во МКЦ. Посебна инспирација за оваа изложба пристигна со новото ремек-дело на Славимир Стојановиќ Футро, плакатот за годинешното, јубилејно 40. издание на „Скопскиот џез-фестивал“. Изложбата содржи 24 избрани креативни решенија за плакат, без хронолошки редослед, според нас, најдобрите во долгата историја на фестивалот.
– „Скопскиот џез-фестивал“ е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди (над четириесет) на светските маркетиншки фестивали (вклучувајќи и гран при на најпознатиот, во Кан). Визуелниот идентитет на „Скопскиот џез-фестивал“ му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот. Не само со плакатите туку и со видеоснимките (анимираните или оние работени на филмска лента), со монографиите, програмските каталози и со календарите – единствени во светот од тој тип. Благодарност до сите дизајнери и агенции (и оние што не се застапени на изложбата) со кои заедно ја градевме визуелната историја на фестивалот, и до кураторот на изложбата, Небојша Гелевски-Бане – информираат од „Скопскиот џез-фестивал“.