Монографска изложба на сликарката Наташа Андонова, насловена „Помеѓу зборот и сонот“, ќе биде отворена вечерва во 19 часот, во изложбениот салон на Младинскиот културен центар (МКЦ), во организација на Музејот на град Скопје и Град Скопје, во рамките на циклусот „Калеидоскоп“ од проектот „КреАрт“. Ќе бидат претставени илустрации за детски бајки и приказни, каде што авторката оттргнувајќи ги од светот на фантазијата создава нови визуелни приказни во кои волшебно ги разигрува мноштвото нејзини јунаци. Кураторка на изложбата е Јасминка Намичева, советник-кустоска од Музејот на град Скопје.
– Во текот на својата творечка дејност, Наташа ќе експериментира во изразот со повеќе сликарски техники, но цртежот во молив и акварелот ќе бидат техники со кои ќе достигне високи дострели, оформувајќи личен ракопис на врвен мајстор. Дијапазонот на уметничката личност на Наташа е доста широк, со нагласок на детските илустрации, секогаш со прецизен цртеж и рафиниран и топол колорит. Сеопфатно, независно дали се работи за класичен цртеж на хартија или дигитален цртеж, лексиката на сликарството на Андонова е повеќеслојна и се одликува со континуитет и доследност, со сензибилитет што е речиси секогаш лирски интониран – напоменува меѓу другото Намичева.