Во чест на 550 години од раѓањето на Скендер-бег, во националната галерија „Чифте-амам“ е отворена изложбата на Мифтар Мемети. Неговиот најнов проект опфаќа 4 тематски целини на кои авторот работел веќе подолго време, односно му ги посветил последните 10 години од неговото творештво. На изложбата ќе бидат претставени 350 слики во мал формат, работени во маслена техника. Тие се меѓусебно поврзани и комбинирани во посебни целини, на комплексни мозаични слики, формирајќи 4 поединечни дела во голем формат.

Освен големиот мозаик посветен на Скендер-бег, на овој настан ќе бидат изложени и уште три вакви дела посветени на: 100 години од раѓањето на Мајка Тереза, 100 години од независноста на Албанија и чинот на прогласување на Мајка Тереза за светица. Сликарството на маестро Мифтар Мемети претставува емоционален изблик, плод на човечкото, кое истовремено остварува блискост со луѓето во обид да им го доближи фактичкото.