Изложба на Лазар Дојчинов во Кавадарци

Изложбите посветени на св. Трифун, заштитник на овоштарите и лозарите, на ликовниот уметник Лазар Дојчинов од Кавадарци, повеќе од една деценија се дел од културните настани со кои се чествува најголемиот празник на лозарите. Неговата изложба, отворена вчера, содржи стотина дела, најголем дел акварели во различен формат. И овој пат најчести мотиви на неговите слики се грозјето, традиционалното производство на вино, ракија, маџун, бербата на грозјето и традиционални трпези од прославувањето на најважните христијански празници, како и иконата на св. Трифун. Многубројни се пејзажите со мотиви од Моклиште и од Тиквешко Езеро.
Дојчинов го носи талентот за сликање уште од детството и постојано низ годините продолжува да се надградува и усовршува, учејќи ги тајните на сликарските техники кај еминентните професори Димитар Кондовски и Борко Лазески, кои претставуваат голем стимул во неговото натамошно надградување.
Од сликарските техники најчесто работи акварел, а потоа и акрил и масло на платно. Досега има реализирано голем број самостојни изложби во земјата и во странство. Во последните години редовно е присутен на голем број хуманитарни настани каде што подарува свои дела. Ми.М.