Самостојна изложба на карикатури на Божидар Поп-Антоски со наслов „Позиција:Опозоција“ вечерва ќе биде отворена во Кинотека на Македонија, со почеток во 19:30 часот. Авторот Божидар Поп-Антоски како постојан набљудувач на општествено-политичките прилики и неприлики преку 21 карикатура дава свој осврт на стварноста со една препознатлива горчливо-духовита нота на своите цртежи.

Божидар Поп-Антоски е роден 1951 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Со свои цртежи, карикатури, се јавил првпат во 1969 година на страниците на весникот „Остен“. Објавил голем број цртежи и карикатури во Македонија и во Југославија.

Со свои самостојни изложби се претставил во Скопје, Кавадарци, Струмица и Куманово. Учесник е на повеќе конкурси, изложби и галерии: Светска галерија на карикатури – Скопје, Југословенска изложба – Славонски брод, Меѓународно Биенале на карикатура Нови Сад, Конкурс за воздухопловна карикатура – Земун, Меѓународен салон на каракатурата – Монтреал, Интернационален натпревар на карикатури – Атина, Интернационален фестивал „Насрадин Хоџа“ – Акшехир.

Учесник е на повеќе годишни изложби на Здружението на карикатуристите на Македонија, дома и во странство (Италија, Романија), како и изложбите организирани од весници и списанија. Застапен е со свои цртежи во збирката карикатури на македонски каракатуристи, група „Кикс“ со наслов „Тушот не е вода“. Во 1980 објавил своја прва збирка карикатури со наслов „Песни“, а во 2010 е објавена неговата втора збирка карикатури со наслов „Времето-Цртеж“. Застапен е и во публикацијата „Македонската карикатура“ во издание на Здружението на карикатуристи“ – Скопје. Живее и работи во Скопје.