Денеска во МСУ почнува фестивалот „ПлејОК Аркадија 2018“

Во организација на Британскиот совет, од денеска до 4 ноември, во Скопје ќе се одржува изложбата на интерактивна уметност „ПлејОК Аркадија 2018“, во Музејот на современата уметност (МСУ) и во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Посетителите ќе имаат можност да ги видат, а уште поважно да ги пробаат најновите изуми во областа на виртуелната реалност, видеоигрите, користењето податоци, човековите права и музиката.

– Со овој настан ја истражуваме темата на уметноста во 21 век и како технологијата и уметноста може да соработуваат за да создадат тридимензионални и интерактивни уметнички искуства. Настанот е бесплатен и интересен за сите возрасти – најавуваат од Британски совет. Фестивалот започнува со предавање на тимот „Форенсик архитекчр“ во МСУ вечерва, во 19.30 часот, еден од четирите кандидати номинирани за годинешната Тарнерова награда, најпрестижната награда за уметност што се доделува во Обединетото Кралство. Посетителите ќе имаат ексклузивна можност да чујат предавања на архитекти и дизајнери, како и на уметници и писатели.

Од 2 до 4 ноември публиката во МКЦ ќе може да види изложба на видеоигри и музичка програма, како и „Дневната соба на иднината“, кратка интерактивна филмска инсталација што првпат ќе биде претставена надвор од Обединетото Кралство. Оваа соба на иднината е дело на Би-би-си, „ФАКТ“, на неколку британски универзитети и на Илија Тирицковски, продуцент од Скопје. Британскиот совет во 2006 година започна со претставување и промовирање на креативните индустрии во Македонија, со мапирање на пазарот и воспоставување на првите врски меѓу експертите од Обединетото Кралство и Македонија.