Изложба на илустрации на Димитар Кондовски, еден од доајените на македонското сликарство, ќе биде отворена на 14 октомври во „Мала станица“, при Националната галерија на Македонија, на првиот ден од одржувањето на второто издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Фестивалот, освен на оваа локација, до 19 октомври ќе се одржува и во „Даутпашиниот амам“. Изложбата ќе биде организирана под посебен протокол, во однос на заштитните мерки против ковид-19, а во нејзините рамки ќе се одржуваат повеќе работилници за деца од различна возраст, кои ќе имаат можност да се едуцираат, да ги запознаат и истражуваат делата на Кондовски, но и да креираат и свои приказни, инспирирајќи се од неговото творештво.
– Се обидуваме да поттикнеме развој на квалитетна литература за деца и од визуелен и од содржински аспект – рече Софија Семенпеева, директорката на агенцијата „Ефектива“, која е организатор на фестивалот „Литера“.

Изразувајќи задоволство што Националната галерија ќе биде домаќин на фестивалот, особено во однос на изложбата, нејзината директорка Дита Старова Ќерими потсети дека овој автор, во својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, претставува една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 1960-тите години. Истовремено, таа најави и дека изложбата на илустрации е вовед кон неговата ретроспективна изложба што ја подготвува оваа установа.
Фестивалот „Литера“ ќе трае еден ден повеќе од лани, а предвидува богати и интересни содржини за децата, родителите и за професионалните илустратори. Тој лани се одржа во април, во просториите на Музејот на современата уметност, а промената на терминот за одржување годинава е поради пандемијата.