Вечерва во уметничката галерија од Центарот за култура во Кичево, со своја самостојна изложба на фотографии со работен наслов „Пустелија“ се претстави Игор Аврамоски.

Тој пред присутните љубители на убавата уметност од родниот град се претстави со 18 фотографии од голем формат изработени во последните 12 месеци, а како инспирација му послужиле детали од македонските планини.

Инаку ова е четврта самостојна изложба на Аврамоски, кој во 2016 година дипломирал на Факултетот за Ликовни уметности во Скопје.

-Ова е моја четврта самостојна изложба под работен наслов „Пустелија“, во која претставив 18 фотографии во голем формат, изработени по инспирацијата што ја добив фотографирајќи ги македонските планини Добра Вода и Кожуф. Отсекогаш фотографијата ме преокупирала и понатаму ќе продолжам да ги откривам и презентирам се уште непознатите убавини на нашата прекрасна земја и нејзините планини – рече Аврамоски за својата четврта  изложба.