Вечерва во 19 часот во рамките на „Кавадаречка културна есен“ во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе ќе биде отворена изложба на познатиот ликовен уметник од Гевгелија Драги Хаџи-Николов.

Творештвото на Хаџи-Николов му е добро познато на љубителите на ликовната уметност од Кавадарци, неговите дела се со чисти тонови на бои, своевидна ЕТНО приказна исткаена од творечкиот разбој на авторот. Неговите платна всушност претставуваат белег на народот кој живее на овие простори со својата традиција, писменост и религија.

Познатиот ликовен уметник и академик Васко Ташковски за делата на Драги Хаџи-Николов ќе напише: „Сите овие предмети на сликите некогаш имале материјална и употребна вредност затоа што вековно биле употребувани од луѓето, а сега тие артефакти од нашето богато културно наследство имаат не само ликовна туку и духовна вредност. Овие подзаборавени предмети реинкарнирани во сликите на Драги хаџи-Николов засекогаш ќе бидат заштитени од исчезнување во идните времиња.“

– Ако треба накратко да се дефинира сликарството на Драган хаџи-Николов тогаш би кажале дека тоа е сликарство на носталгија. Она што овој сликар го прави на своите платна, тоа е , всушност еден вид сакрализација на минатото. ВО овие мртви природи а Хаџи-Николов е затворена древната и секогаш обновуваната формула на Златната епоха- ќе напише академик Влада Урошевиќ.

Мирјана Мукаетова