Во НЛБ Галерија, утре со почеток од 20 часот, ќе се отвори изложба на дела со наслов „Фрагменти” од академската сликарка Драгица Ристеска Димитровска.

„Фрагменти” е проект на апстрактни дела изработени во техниката акрил на платно. Драгица Ристеска Димитровска изминативе две години работи на овие слики, кои се дел од нејзиниот последен циклус. Оваа нејзина целина е инспирирана од безбројните фрагменти, остатоци, сеќавања, сенки, рефлексии кои ги пронаоѓа околу себе во секојдневните предмети, бројните урбани и рурални пејзажи, градби и градови, мистични прозорци, во комплексноста и убавината на природните текстури и слоеви што се преклопуваат во композиција создавајќи одредена димензија.

Фрагментот како сеќавање, остаток и дел од нешто, како исечок од стара фотографија, како сложувалка што се надоградува, од малите нешта кои навидум се неважни, но се со длабоко суштинско значење.

– Инспирацијата ја наоѓам во локалната средина, но и во многуте патувања низ светот. Бојата е моето средство со кое добивам можност бар за миг да ја донесам убавината на просторот што го инхибирам. Да ја освојам убавината на урбаните и руралните пејзажи, градби и градови, мистични прозорци кон светлината, мистериозни флуктуации на водата, фрагментите на старите ѕидови, комплексноста и убавината на природните текстури и слоеви што се преклопуваат во композициите создавајќи ја димензијата – вели за своите дела уметницата Ристеска Димитровска.