Вечерва од 20 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложба на дела од уметниците – членови на ДЛУП. Одржувајќи го континуитетот на неуморливата творечка креација, околу 20 членови на ДЛУП ќе имаат
прилика да го промовираат сопственото творештво на пошироката публика.

– Страста за уметноста продолжува да живее во срцата на уметниците и покрај ситуацијата во која се наоѓаме. Секој од уметниците докажува како на свој начин преку своето дело и уметничка креација го поминува овој тежок период. Притоа, членовите-учесници на годинашната изложба имаат можност да се претстават со сопственото творештво изработено во различни техники. Во најтешките ситуации како што е оваа, каде што за да се одржува духот на човекот неопходно е да се присетиме на убавите работи и моменти, со кој ќе го потхраниме духовниот порив и полесно ќе го надминеме овој период. Еден од тие начини е уметноста која ја создаваат Друштвото на Ликовни уметници на Прилеп. Во „тишина“ ќе чуете и погледнете илјада зборови кои ќе ви раскажат преубави приказни за делата и за уметниците – вели Методи Исков, претседател на ДЛУП. Ка.М.