Вечерва со почеток 20.00 часот во Мала Станица пред скопската јавност своја изложба ќе има македонскиот визуелен уметник Страхил Петровски на тема „Ехoа од иднината”.

Проектот е составен од три целини, во кои авторот имплементира повеќе визуелни медиуми: објекти, „ready-made” предмети, „found objects”, инсталации, фотографија, видео и видео перформанс, аудио запис, текстови и интервенции во просторот на галеријата кои функционираат како одделни дела со сопствена интимна „приказна”.

Страхил е роден во Куманово, 1974 година и е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на професорот Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видео уметност.

Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како пост-концептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. 
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје.
 Добитник e на неколку значајни награди од областа на современата ликовна уметност.