Изложбата на Васко Ристовски „Македонска наивна уметност“ ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Музејот на Македонија. Ристовски е истакнат претставник на наивната уметност во Македонија. Роден е во Скопје во 1967 година. Неговото уметничко творење почнува во 1995 година. Работејќи во техника масло на стакло, Ристовски остварува високи ликовни вредности што ја изразуваат неговата бујна имагинација. Поетиката на неговото творење изобилува со динамика, нарација, колорит и мистика. Ристовски успева низ интелектуалниот израз да ја прикаже радоста на живеењето, како синергија на фантастиката и реалноста. На изложбата ќе бидат презентирани дваесет и седум дела работени во техника масло на стакло.