„Од меморијата“ е тематската изложба на уметникот Беди Ибрахим, отворена во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Конча Пиркоска вели дека самиот наслов на изложбата ни реферира на некои временски фрагменти, на акумулирани сеќавања што се суптилно впишани во авторовиот ментален и емотивно визуализиран дневник.
– Сегашниот избор од страниците на дневникот, авторот ни го селектира на девет различно интонирани редимејд-предмети. Инсистирајќи на нивната изворна морфологија, само со минимална скулпторска и колористичка интервенција и комбинација, авторот на скулптурите и објектите ќе им ја додели улогата на наратори. Тие, самите за себе, ќе ни говорат за нивната функција во времето на нивното време, но и за нашиот индивидуален и колективен заборав – вели Пиркоска за изложбата на уметникот.
Беди Ибрахим од 2002 до денес работи на ФЛУ како редовен професор на вајарскиот оддел и е актуелен декан на ФЛУ. Освен со скулптура, се занимава и со сликарство и сценографија. Досега има реализиран над 20 самостојни изложби во земјата и во странство и многубројни групни учества на локалната и меѓународната сцена.