Најпознатиот и најплоден македонски афористичар, Миле Ѓорѓијоски, покрај многубројните промоции и изложби во земјава во повеќе наврати досега се претставил во Србија и во Бугарија. Со изложбата на илустрирани афоризми отворена на 15 јуни тој годинава се претстави во Качарево, каде што неговите афоризми и хуморески се илустрирани со цртежи на истата тема од карикатуристите Јордан Поп-Илиев, Блаже Докуле и Миро Ѓорѓијоски.
– Првпат изложбата на илустрирани афоризми е претставена пред жителите на најмакедонското гратче во Република Србија, Качарево. Изложбата е отворена во тамошниот Дом на млади на 15 јуни. Инаку покрај во Качарево, по покана од Националниот совет на Македонците од оваа земја, имам гостувано и во Пландиште, Јабука, како и во Велика Плана и Крагуевац, а во повеќе наврати сум гостувал и во главниот град на Србија, каде што сум и почесен член на нивното друштво на афористичари – истакна Миле Ѓорѓијоски. Тој додаде дека изложбата на илустрирани афоризми претходно била претставена во неговото родно Кичево.