Под насловот „Спејсис оф обливион“, од денеска до 1 јуни, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе биде отворена изложба на уметницата Александра Петрушевска Ристовска. Изложбата е резултат на подолготраен истражувачки процес, почнат во 2017 година, и е прво самостојно претставување на Петрушевска од 2013 година.
– Циклусот се состои од шеесетина слики во различен формат, работени во техниката акрил на платно, како и дигитални слики, работени врз фотографска предлошка. Заедничко за сликите од овој циклус е тоа што на нив се претставени ентериери, внатрешните простори на јавни институции, кои ѝ припаѓаат на модерната архитектура во Скопје, објекти изградени во 1970-тите години. Петрушевска Ристовска уште од самиот почеток се наметна како сериозна авторка и во континуитет го докажува тоа со своето присуство на уметничката сцена во текот на 15 години, со една специфична ненаметлива суптилна ангажираност. Тоа што беше евидентно и во нејзините претходни дела и циклуси, таа го потврдува и со нејзиниот последен сликарски проект – посочува историчарот на уметноста Владимир Јанчевски.
Александра Петрушевска Ристовска, ликовна уметница и педагог, во уметничката практика употребува традиционални и интердисциплинарни техники преку кои ја изразува визуелната и симболична трансформација на просторот. Ги истражува формите на внатрешните ентериери, фокусирајќи се на деталите, контрастите и боите.