Фото: Маја Јаневска Илиева

Во галеријата „Ко-Ра“ во центарот на Скопје, утревечер, во 19 часот ќе биде отворена изложбата на акварели на младата уметница Славица Танеска (21). Ова ќе биде петто самостојно презентирање на делата на Танеска пред љубителите на ликовната уметност.

– Работен наслов на изложбата е „Да заживее акварелот“, моја омилена сликарска техника. Можеби зaтоа што се совпаѓа со мојот темперамент, јас сум брза, експресивна, а токму тоа се бара во акварелот. И што е најважно, тука нема враќање и поправање, исто како и во животот – вели Славица.

Таа е студентка на Ликовната академија во Скопје, а тема на нејзиниот матурски труд бил токму акварелот. На оваа изложба таа се навраќа на својата пасија, старите македонски куќи.

– Често ги сликам брсјачките куќи, а сто мои цртежи се најдоа во книгата „Траги на времето“, која ја издадов кога имав 18 години. Во акварелите ги менувам пристапот на гледање и начинот на работа – вели младата уметница.

Таа дополни дека најголем дел од сликите се со формат 30 х 40, а има и еден циклус на помали пејзажи, со формат 20 х 30 сантиметри.

– Исто така, на вечерашната изложба ќе има и апстрактни акварели. Во нив сакав да ги раскажам моите внатрешни емоции и затоа користев формати со нагласена хоризонтала, што, според мене, е најдобар начин за раскажување и добивање на динамиката што се развива во сликата – објаснува Славица.

Танеска е добитничка на голем број признанија, меѓу кои и на „Грамота“ за сликарство доделена од Руската Федерација, како и признание за значајно учество на меѓународното биенале на „Остен“ во 2016 година. На првиот светски фестивал за акварел во Обединетите Арапски Емирати, меѓу 50 учесници, Славица беше единствен македонски претставник.

М.Т.