Во Националната галерија на Македонија, во објектот „Даутпашин амам“, вечерва, во 20 часот, ќе се отвори ретроспективна изложба на Адем Кастрати, еден од најзначајните албански сликари, кој со своите дела остави траен белег. Тој наедно го отвори патот на новите генерации уметници, кои преку неговите дела ќе можат да ја запознаат, учат и продолжат традицијата на народите на нашите простори.
Роден е во косовското село Горно Карачево, во близината на Врање. Името на неговото родно село во албанскиот јазик има значење на облачност. Облачноста, како природен феномен (според некои негови записи) има влијание врз неговиот духовен развој и на уметничкото творештво. Тој ѝ припаѓа на првата генерација сликари по Втората светска војна. Бурните времиња во кои растел, созревал и се формирал како сликар ќе остават силна трага во неговото творештво. Неговото име зазема заслужно место меѓу ликовните уметници, кои живееја и твореа на територијата на поранешна Југославија. Станува познат по својата специфична техника на сликање со земја, пристап што е оригинален и посебен.
Завршил Ликовна академија во класата на професорот Вангел Коџоман. Потоа почнува еден исклучително плоден творечки период, кој ќе трае до крајот на неговиот живот. Уметничкиот опус на Кастрати целосно се поврзува со теми од татковината.
Од една страна, животот полн со страдања како резултат на немаштијата и војните, но од друга страна идиличните претстави на родниот крај, запаметен од годините на детството, животот со семејството и незаборавните бои и мириси, кои ќе останат во него меморирани до крајот на животот. Кастрати имал повеќе самостојни изложби во Скопје, Урошевац, Приштина, Белград, Тирана, Гњилане, Париз, Женева, Минхен и др. Учествувал и на повеќе групни изложби: Љубљана, Загреб, Дубровник, Ниш, Палермо, Тирана, Париз, Архис (Данска) и др.