Во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, утре во 12.30 часот ќе биде отворена ликовната изложба под наслов „Автобиографија во слики“ на ликовниот уметник Новица Трајковски од Скопје. Ликовното творештво е многу добро познато на кавадаречката културна јавност, а овојпат ќе може на едно место да видат 22 автопортрети на авторот Новица Трајковски сликани во период од три децении.

– Зошто токму изложба на автопортрети? Некако се собраа многу автопортрети и решив да ги видам на едно место. Автпортретите се хронологија на моето детство, на мојата земја, сеќавање на моите родители, сеќавања на митови и легенди гледани преку мојата размисла и моите очи се разбира преку својот лик. Секое дело има своја емоција, ситуација и приказна или легенда раскажана преку мојата религија и верба во бога. Целокупното мое сликарство е посветено на божествената љубов. За љубовта нема граници и религии, сите религии се божествени па затоа во нив може да се видат сите мои психолошки состојби во времето кога се сликани: радост, тага, меланхолија и најмногу слобода искажана преку божествената љубов. Некои од моите автопортрети се карикирани се со цел да бидат во функција на искажаната мисла и сопствена состојба – вели за „Нова Македонија“ ликовниот уметник Новица Трајковски.

За Душко Кралевски, Новица Трајковски е одличен портретист кој ја има дарбата, како кај класиците да го прикаже карактерот и психолошката состојба на портретираниот лик (во овој случај себеси). „Тоа е забележливо во сликите: мајка со расплакано дете во рацете (Новица како бебе), загрижено лице со темно-светла изгорена позадина, љубовна средба со саканата, добро утро на сите со кафенце и чаша вода, шеговито намигнување, шеретско насмевнување или блажена насмевка под капата на Дедо Мраз… Освен ова мајсторство, Новица често настојува во автопортретите да додаде доза на (авто)иронизација како на пример сликата со мачка која му се качува на глава. ПОкрај ведри шеговити, авторот знае да испрати и сериозни пораки, да се прикаже себеси како  човек зад решетки што мечтае да полета како птица, човек кој со крајот на очите гледа кон небото, човек кој со надеж гледа кон светлината, уметник кој со четката од небесното виножито ги зема боите за своите дела, човек кој од градите пушта орел да полета кон височините или пак млад и возрасен човек кои се допираат во една точка на постоењето…“

Речиси секој познат уметник почнувајќи од Дирер, Леонардо, Рембрант, Ван Гог, Пол Гоген, Реноар, Пикасо… правеле свои автопортрети. Убедливо прв на таа листа е Рембрант со над 80, втор е Ван Гог со над 30, а нашиот Новица Трајковски веројатно е на трето место со над 20 автопортрети. На пример автопортретите на Рембрант се 30-годишна академска студија која се става на увид: животот, карактерот, психолошките состојби на уметникот, неговите успеси и неуспеси во животот. Ван Гог преку уметничката работа, војувал со последиците од тешката психоза додека Рембрант добро заработил од своите автопортрети затоа што многумина од тогашната елита сакале да имаат портрет од големиот уметник. Нашиот Новица Трајковски со автопортретирање настојува , во овој ваков свет да остане свој и колку-толку
нормален, ќе напише Душко Кралевски по повод изложбата во Кавадарци. Ми.М.