Во Музеј на Град Скопје вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба „Обновување на сликарството на црквата ’Св. Ѓорѓи’ во Курбиново – ремек-дело на византиската уметност во Македонија“, на која ќе бидат претставени резултатите од проектот „Македонски фрески – Маско 360“.

Проектот е реализиран од Здружението „Македонида“ од Скопје под раководство на д-р Панче Велков, во соработка со проф. д-р Филип Нивонер од Факултетот за христијанска археологија и византиска историја на уметност при Универзитетот во Гетинген, Германија, а со поддршка на германскиот институт „Макс Планк“ и Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија.

Фотографиите се направени во пролетта 2016 година, кога беа почнати конзерваторските работи во црквата во Курбиново. Притоа иконостасот бил изваден од црквата со што студентите од Гетинген имале единствена можност непречено да ги фотографираат светски познатите фрески во црквата во Курбиново која е ремек-дело на византиската уметност од 12 век.

Изложбата првпат беше поставена во јуни 2017 во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, а овојпат неа ќе ја види и скопската публика во Музеј на Град Скопје. На отворањето ќе биде прикажана и кратка видеопрезентација која ги претставува резултатите од конзерваторскиот проект на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, кој го реализира надлежната институција Музеј и Завод-Битола под раководство на Ристо Палигора, советник-конзерватор во музејот.

– Оваа презентација е дел од поширока кампања за валоризација и промоција на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново и нејзината конзервација, која ја води здружението „Македонида“ во соработка со нашите германски и француски партнери. По претставувањето во Скопје, изложбата ќе патува во Минхен, каде на 7 мај ќе биде претставена во престижниот Универзитет „Лудвиг Максимилијан“ – соопшти организаторот.