Во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва, со почеток во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата на слики „Визии од детството“ на уметникот Горан Боев. Тој ќе се претстави со над 25 слики на кои се појавуваат различни фигури – мачка, куче, прозорец, цвеќе, дете…
– Тоа е портрет на едно минато време, портрет на моето детство. Што се однесува до техниката и ракописот, не се заложувам секоја слика да ми помине низ ист сликарски третман. Некогаш сликам со наслаги од боја, некогаш лазурно. Некогаш цртежот е изразен и експресивен, некогаш суптилен и геометриски. Некогаш е комбинација на сѐ во сѐ. Не се грижам премногу за стилот, но тоа не значи дека оставам сѐ на случајноста – вели авторот.
Горан Боев е роден во 1982 година, во Кавадарци. Факултет за ликовна уметност и магистерски студии завршува во Скопје. Се занимава и со црковен живопис и иконографија. Досега има реализирано над десет изложби во земјата и има учествувано на многу групни изложби во земјата и во странство.