Незаборавната приказна за настанувањето на професорот Балтазар е раскажана на атрактивен, забавен и интерактивен начин на „Риека 2020“

Изложбата „51000 Балтазарград“, која е отворена во Музејот на модерната и современа уметност во хрватскиот град Риека во негова продукција и во продукција на европската престолнина на културата „Риека 2020“, привлекува огромно внимание кај публиката. Станува збор за најголемата изложба од програмата „Детска куќа“ на годинашната Европска престолнина на културата, а нејзиниот наслов е инспириран од фактот дека токму овој град со својот изглед и атмосфера му послужил на Златко Боурек како инспирација за цртање на Балтазарград во кој добриот професор Балтазар живее и ги смислува своите пронајдоци. Таа ќе биде отворена до 23 јануари 2021 година до кога и ќе може да се види како на атрактивен, забавен и интерактивен начин е раскажана незаборавната приказна за настанувањето на професорот Балтазар, да се видат многуте слоеви што се откриваат со гледањето на неговите случки, но и да се дознае за важноста на овој анимиран серијал во контекст на времето во кое живееме.
– Професорот Балтазар, анимираниот гениј што ги допре срцата на милиони деца, особено е врзан за Риека. Имено, токму овој град со својот изглед и атмосфера послужил како инспирација за Балтазарград, Поради тоа беше природно првата голема изложба посветена на Балтазар да се одржи овде, каде што професорот ќе се чувствува како дома. Просторот на изложбата е поделен на Космос, Море, Риека и Град и претставува минијатурен приказ на светот од цртаниот филм.

Доаѓањето од морето преку реката ја нагласува сличноста на Балтазарград и Риека и ги повикува посетителите барем едно попладне да му станат сограѓани на Балтазар. Поставката на изложбата „51000 Балтазарград“ е приспособена на децата, но и на возрасните и хронолошки ги содржи епизодите на „Професор Балтазар“, ја охрабрува играта, но и учењето.,„Професор Балтазар“ е хрватска анимирана серија снимена од 1967 до 1978 година во „Загреб филм“. Таа се состои од педесет и девет епизоди во траење од пет до десет минути и до денес остана најуспешен проект на Загрепската школа на цртан филм. Татко на ликот на професорот Балтазар е Златко Гргиќ, а на овој симпатичен научник, кој со помош на фантазија и позитивна енергија ги решава проблемите на своите сограѓани во Балтазарград, името му го дал Павао Шталтер. Серија беше многу омилена, а забележа и значаен успех во странство – посочуваат од „Риека 2020“.

Кустос на изложбата е Жељко Лукетиќ, а авторството на дизајнот на поставката и визуелниот идентитет на изложбата го потпишува студиото „Бригада“ од Загреб. И за оваа изложба е напоменато дека посетата е можна со почитување на сите важечки мерки за спречување на заразата од ковид-19, а не им се препорачува доаѓање на лицата од постара животна возраст и на хронично болните.