Тематската изложба „Приказни од дворот“ од уметницата Симонида Филипова Китановска ќе биде отворена од денеска напладне во Ликовната галерија од ЦК
„Марко Цепенков“. Уметницата ќе се претстави со дел од своето богато творештво, во кое прилепчани ќе уживаат.

– Секој што ја познава Симонида знае дека е далеку од тоа да биде традиционален уметник или лесно да се става во категорија со други уметници. Уметноста претставена на изложбата е стар занает на мешање на пигмент со вода и сликање со него на хартија на правена од памук. Таа е самоодржлива (најслушаниот збор кога се обидуваме да го
поправиме сè што досега уништивме во природата), уметност во чиста форма што не бара експликација. И што е најважно – замислена е во умот на уметникот пред да започне чинот на сликање. Уживајте во шоуто и ве молиме, грижете се за вашиот двор и живиот свет во него – вели Тони Китановски за изложбата на Китановска.

Симонида Филипова Китановска е активен професионален уметник и член на ДЛУМ од 1988. Нејзината уметничка кариера е константно обележана со бројни меѓународни и
домашни претставувања на самостојни и групни изложби. Добитник е на бројни домашни и меѓународни награди, а последниве години нејзиното творештво речиси исклучиво е во техниката акварел. Ка.М.