Уметникот Атанас Атанасоски, кој од рециклирани материјали реализира изложби – инсталации, деновиве се претставува со ново дело во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Се работи за инсталацијата „Пејзажни инсталации“, а идејата за реализација на проектот е продолжение на претходните, кои имаат цел да ја бараат естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу природата и човекот.
– Изложбата нуди можност за пристап кон уметничкото изразување, кое поради растечките еколошки и социјалните проблеми станува сѐ порелевантно и социјално ангажирано. За жал, во последно време пластиката за еднократна употреба е дел од нашето секојдневие, количествата од овој отпад постојано се зголемуваат и сериозно ги загрозуваат почвата и водите. Рециклирањето и воспоставувањето системи за управување со пластичен отпад е од витално значење за заштита на животната средина. Се надевам дека мојот проект за кој користам употребени пластични шишиња ќе потикне решение за овој глобален проблем – вели уметникот Атанасоски.